Преостанаа уште 3 дена до завршувањето на првенството. Уште 3 можни задачи! Уште 3 шанси Македонија да го постигне својот најдобар резултат досега: 12 -ти од вкупно 30 земји. Се до последниот ден резултатот беше неизвесен.
11 Јули, повторно на стариот старт Монт Шери. Денот ветуваше и беше зададена најдолгата трка до сега. 91 км. Прозорецот се отвара рано. Слаби услови на старт поради што одлучувам да полетам покасно, темпирам да имам 30 мин пред отварањето на стартот затоа што 'врткањето' пред цилиндер поготово во слаби услови не ми е јака страна.Таа идеа и не ми беше баш паметна. Ако на 100 души им е тешко да лоцираат столб, сигурно многу потешко ќе им биде на само неколку. Така и се случи. Полетав а имаше само уште 3-4 ца во воздух, сите други веќе беа намесени високо околу цилиндерот. Сите 3-4 ца го 'чешлавме' стартот но безуспешно. Приметувам дека и Марина е меѓу нив. Пробувам да ја пратам и заедно бараме термика сега веќе подалеку од стартот. Тоа трае 40-ина мин, цилиндерот веќе оддамна е отворен. Се упатувам накај Леже, веќе длабоко навлезена во долината, решена да најдам термика иако знаев дека во долината и да има нешто таа ќе биде многу турбулентна и неоформена. Немаше ниту такава. Слетувам во Леже заедно со Марина и другите заостанати од групата.

Одиме во HQ да го следиме финиширањето на другите. Кој како пристигнуваше неможеше да се соземе од импресии доживеани на последната точка. Вертикална карпа од неколку стотини метри ги дочекува сите кои имаат излетано околу 60 км. Меѓу тие што финишираат се и Антракс и Тапа, ни они не се рамнодушни на 'ѕидот на смрта'. Владе и Владо- Компе се слетани кај фамозната карпа. Повторно добар резултат на МКД, но никако да се помрднеме од 15-тото место, сите други пред нас се исто така добри.
12 Јули - трката се отвори многу рано и задачата беше пократка од обично (54км) поради очекуван развој во попладневните часови. Веќе спремањето, полетувањето и дигањето на старт ми стана рутина и не толку страно како во првите денови. Денес беше од оние денови кога од почеток среќата ти е наклонета. Го мотам првиот столб до база многу брзо и се упатувам кон цилиндерот, пред него веќе чекаат 140-мина. Стигнувам до нив 2-м инути пред отварање на стартот и повторно дигање, вртам уште неколку круга и ја надокнадувам висината изгубена при глајд и повторно сум до база. Тргнувам да го пресечам цилиндерот заедно со сите. Глетката е неверојатна. 140 параглајдери во најразлични бои на релативно мал просор и сите се движат во исти правец. Ги има насекаде и сакал несакал мораш да се движиш заедно со цела таа маса. Влегувам во секторот на првата точка и како и сите други се упатувам десно во правец на втората точка, до која може да се стигне само ако префрлиш преку падината на која наидувам. Врвот на падината е висок околу 2000 м па има еден понизок дел во вид на седло и после повторно врв. Од падината до долината доле се протега далековод. Пристигнувам во висина на седлото и журката почнува. Глајдери над мене, под мене, до мене, отворени, затворени и се во расотојани од неколку метри. Овде нема класично мотање, се движиш каде што дига, го држиш глајдерот да не се затвори и пазиш да не се судриш со некого. Тоа трае неколку минути, погледнувам на вариото кое покажува дека имам +200 м висина до 2-рата точка и безразмислување тргнувам иако дигањето сеуште траеше. Највероватно тоа ми беше првата и едиствена грешка денес но доволна трката да ја завршам пред време. Стигнав до 2-ра точка но многу ниско и без надеж за понатаму. Дури кога слетав го забележав CB-то кое го најавуваа, но додека јас се мачев кај 2-рата точка голема група веќе се упатија кон 3-ра точка. Трката беше прекината, но во моментот на прекинување веќе голем број пилоти беа во цел. Се разбира меѓу нив и Антракс, Валде и Тапа и конечно 12-то место за Македонија. Браво момци!
На голема радост на сите резултатот после 5-тата трка беше и конечен резултат на првенството. Трката наредниот ден 13 Јули имаше но се прекина повторно поради голем развој овој пат многу порано и никој не успеа да ја затвори. |